Менаџерот на Абердин, Џим Гудвин, го охрабри Бојан Миовски да продолжи со одличните игри од стартот на сезоната, истакнувајќи дека Македонецот има се што е потребно за да ја заврши оваа натпреварувачка сезона како најдобар стрелец во шкотската Премиер-лига. Миовски досега има седум гола, исто колку и Фурукаши од Селтик, а со еден повеќе на врвот на листата на стрелци се наоѓа Чолак од Глазгов Ренџерс.
Миовски неодамна во изјава за шкотските медиуми прокоментира дека е подготвен да се бори за освојувањето на „златната копачка“ во Шкотска, став на Македонецот што многу му се допадна на неговиот тренер.
„Тоа што го кажа Бојан, тоа само покажува колку тој верува во себе и во нашиот тим. Говориме за одличен играч, талентиран, но исто така и скромен. Мал е бројот на фудбалери кои дошле од Источна Европа и веднаш имале такво влијание во нашата лига. Играме офанзивен фудбал, а тој е играч што е многу опасен во шеснаесетникот и што секако ќе постигне уште многу голови. Тој верува во себе и во соиграчите, исто како што соиграчите веруваат во Миовски. Мислам дека и навивачите го делат тоа мислење, доколку сите веруваме во него, Миовски може да стигне до Златната копачка во Премиер-лигата“, истакна Гудвин.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

