ЕКИПА во Хернинг,
Стеван Цаневски
Ремито на дуелот меѓу Македонија и Португалија сериозно ја замрси и ситуацијата во трката за главната рунда, конкретно битката за второто место во нашата група. Португалците со победа ќе беа најмалку втори, но сега и Македонија има свои шанси да го продолжи престојот во Данска.
Ако ние победиме со Романија, а Португалија загуби во последното коло од Данска, тогаш двете селекции ќе завршат со по три бода на своето салдо, па ќе решава вкупната гол-разлика.
Во моментов гол-разликата е плус 18 во корист на Португалија (ние загубивме со 12 од Данска, а тие славеа со 6 над Романија). За да стигнеме до второто место, неопходно ќе биде двете средби вкупно да завршат со минимум 19 гола разлика во наша полза.
Пример: Ако ние славиме со два гола разлика, потребно ќе ни биде Данска да слави со минимум 17 разлика за ние да ги прескокнеме Португалците. Или ако триумфираше со „плус девет“, тогаш доволни ќе ни бидат и „плус десет“ од Данците.
Сепак, најважно во моментов е да се слави на тој последен меч со Романија, да се осигура најмалку третото место, а потоа да се надеваме дека оваа „весела математика“ ќе заврши со хепиенд за нас.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

