Веселин Вујовиќ го крена Ниш на нозе уште на промоцијата

Легендарниот ракометар од екс – југословенските простори и поранешен тренер на РК Вардар, Веселин Вујовиќ, официјално седна на клупата на српскиот вицешампион, Железничар. Тој денеска беше претставен како тренер кој треба да го врати клубот на добрите резултатски патеки.
„Вработениот на наплатната рампа, кога ме виде ми рече дека ова е голем ден за Ниш. Го поправив велејќи му дека веројатно мисли на нишкиот спорт, но тој ми одговори, „не“ за Ниш. Пречекот во градот и во клубот е неверојатен“ – изјави Вујовиќ на промоцијата.
Амбициите на Вујовиќ и на Железничар се да ја освојат шампионската титула во домашното првенство, но и да бидат конкурентни во СЕХА лигата.
„Дали ќе има тешки моменти и порази од сериозни европски клубови ? Сигурно ќе има, но ќе има и многу радост“ – вели Вујовиќ кој се надева дека е почната добрата ера за клубот од Ниш.
Вујовиќ ја задржува и селекторската позиција во словенчкиот национален тим. Пред да дојде во Србија, беше тренер на Копер. Кариерата ја почна во Металопастика, потоа се селеше во Сиудад Реал, Вардар, Ал Сад, Ал Шабаб и во Загреб.

Веселин Вујовиќ беше и селектор на македонската ракометна репрезентација, а ги водеше и селекциите на Србија и на Црна Гора.

Се вчитува...