Изминатиов викенд веслачките на Горица Ремо настапија на Меѓународната регата Војводина опен во Палиќ, која се оддржа по 63 пат.
Најмладата веслачка на Горица Ремо Ана Ничевска настапи во скиф за пионерки и дубал за пионерки во комбинација со веслачка од ВК Бегеј, Зрењанин каде што извеслаа до 4 место во квалификациите. Иако не успеа да влезе во финалето, ова постигнување е показател за посветеност, талент и напорен тренинг, кој ќе се искористи како мотивација за идните предизвици.
Со 5 одличја се закитија веслачките Александра Маленкоска и Исабела Димовска, кои веслаа во мастерс категории. Тоа е категорија која ги слави оние кои продолжиле да ја негуваат својата страст за спортот, претворајќи го во активен и здрав начин на живот. Охридските Мастерс веслачки се вистински пример дека посветеноста и желбата за натпревар можат да траат цел живот, инспирирајќи ги сите генерации.

Маленкоска освои бронзи во скиф мастерс Б и микс дубал со веслачот од ВК Зренекс, Зрењанин, додека во дубал мастерс А извесла до златото со клубската колешка Исабела Димоска, воедно Исабела освои и злато во скиф мастерс А.
Ова не е само победа на вода, туку и триумф на страста, истрајноста и доживотната љубов кон веслањето, докажувајќи дека годините се само бројка кога станува збор за спортскиот дух. Нивниот настап беше вистинска лекција за тоа како искуството, во комбинација со беспрекорна техника и тимски дух, води до врвни резултати.
Овој успех не само што го става Охрид на мапата на регионалното Мастерс веслање, туку служи и како огромна инспирација за сите нас. Тој покажува дека никогаш не е доцна да се следат своите страсти, да се одржува активен живот и да се постигнат спортски цели.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

