Раководството на Веспрем донесе одлука да ги казни сите ракометари и членови на стручниот штаб на унгарскиот гигант, по очајниот настап што тимот на Врањеш го имаше на гостувањето против Скјерн во осминафиналето од Лигата на шампионите. Веспрем, во чии редови настапува и македонскиот репрезентативец Дејан Манасов, е принуден да брка „минус седум“ за да обезбеди пласман во четвртфиналето, но на сите им е јасно дека ракометарите ќе мора со далеку подобар пристап да влезат во реваншот.
Токму поради ова, донесена е одлука целиот тим да зема само минимална плата, далеку пониска од онаа што им е утврдена на ракометарите и тренерите со потпишаните договори.
„Навивачите на Веспрем и клупската управа заедно со градот даваат огромна поддршка за овој тим да игра на највисоко ниво на домашните и на меѓународните натпреварувања. Поради ова, сите сме на став дека дел од резултатите беа неприфатливи, исто како и играта и пристапот на играчите. Со ова се нарушува 40-годишната традиција на клубот и се навредуваат сите оние кои го граделе Веспрем да оди напред. Поради сето ова, донесена е одлука платите на сите играчи и на тренерите да бидат ограничени на минималец до крајот на унгарскиот шампионат“ – се вели во соопштението на Веспрем.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА