Љубомир Врањеш од денеска повеќе не е тренер на Веспрем, откако унгарскиот гигант попладнево и официјално објави дека ја прекинува соработката со шведскиот стручњак. Врањеш пристигна како големо засилување за стручниот штаб од Фленсбург, но воопшто не ги оправда очекувањата, лани ја загуби титулата во Унгарија од Пик Сегед и не стигна до Ф4 турнирот во Лигата на шампионите, а сезонава и покрај новите засилувања повторно тргна очајно, губејќи две од последните три средби во ЛШ, од Барселона и од Вардар.
Токму поразот од домашен терен од Вардар се покажа како кобен, па по денешниот состанок со менаџинг директорот Золтан Чик на официјалната веб-страница на Веспрем беше објавена информацијата за разделбата од овој трофеен стручњак.
„Денеска нашиот директор Золтан Чик ја прекина соработката со Љубомир Врањеш како прв тренер на екипата и Бјорн Сетерстром како негов асистент. Двајцата шведски тренери пристигнаа во Веспрем во 2017 година и под нивно водство беше освоен Купот на Унгарија во 2018. Заедно со тренерскиот тандем клубот го напушта и спортскиот директор Никола Еклемовиќ. До именувањето на нов тренер тренинзите ќе ги води Иштван Гулијаш“ – објави Веспрем.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА