Веспрем имаше зад себе разочарувачка сезона во која не успеа да стигне ниту до фајналфор турнирот во Келн, што беше причина унгарскиот гигант повторно да направи ремонт во играчкиот кадар. Така, Унгарците денеска официјализираа четири одлични трансфери, од кои два ќе биде валидни од летово, а останатите два завршувањето на сезоната 2026/27.
Иван Мартиновиќ ќе биде нов десен бек на Веспрем, хрватскиот ас блеска во последните неколку години што беше јасна препорака за европските гиганти да тргнат во трка по неговиот потпис. На крајот, екс-играчот на Рајн-Некар Левен го избра Веспрем за следна дестинација потпишувајќи четиригодишен договор со оваа екипа.
„Се наоѓам во идеална возраст за професионален спортист, ова е одличен момент да направам чекор напред и овие најдобри години да ги минам во еден од најдобрите клубови во Европа. Сакам да се докажам на највисо ниво и да им донесам многу радост на клубот и на верните навивачи“, изјави Мартиновиќ.
Заедно со Мартиновиќ од РНЛ ќе пристигне и шведскиот голман Микаел Апелгрен, кој треба да даде дополнителна сигурност на голот на унгарскиот тим.
Веспрем го официјализираше и ангажманот на Лукас Јоргенсен, данскиот репрезентативец кој сепак ќе почека уште една година, до истекот на договорот со Фленсбург, па од почетокот на 2026/27 ќе стане член на унгарскиот ракометен гигант.
Заедно со него, осигурано е и најзвучното име – данскиот репрезентативен голман Емил Нилсен кој ќе ја напушти Барселона за да се приклучи на Веспрем. Договорот е веќе потпишан, но исто како и оној на Јоргенсен, ќе се официјализира летото 2026 година.

„Пред се би сакал да кажам дека сум горд што потпишувам за Веспрем, тим што поседува голем потенцијал, но и што истовремено е гладен за успех, за трофеј во Лигата на Шампионите. Знам дека приврзаноста на навивачите кон Веспрем е неверојатна, едвај чекам да заиграм за новиот клуб пред таа прекрасна публика“, изјави најдобриот светски ракометен голман по потписот на договорот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

