Изминатава ноќ во НБА лигата се мина во сенка на враќањето на Кевин Дурант во Оклахома, овој пат како еден од лидерите на минатогодишниот вицешампион Голден Стејт.
Дурант со свирежи беше дочекан од поранешните свои навивачи, но апсолутно не беше добредојден и меѓу поранешните свои соиграчи. Пред дуелот Кевин посакал да влезе во соблекувалната на Оклахома, како би се поздравил со поранешните соработници и кошаркари, но бил спречен во таа намера од ѕвездата на Оклахома, Расел Вестбрук кој порачал:
„Тргнете ја оваа змија од нашата соблекувална…“.
Очигледната нетрпеливост меѓу двајцата беше јасно видлива и на паркетот. Во еден момент не издржаа впуштајќи се во вербален дуел.
„Доаѓам. Чувај се од мене“ – му порача Вестбрук на Дурант, на што и овој не му остана должен: „Каде доаѓаш? Како резерва на Олстар мечот?“ – алудирајќи на тоа дека Вестбрук, и покрај одличната сезона, не се најде во стартниот тим за годинашниот НБА Олстар.
На крајот, Дурант беше тој кој што си замина како победник од Оклахома, партиципирајќи со 34 поени во победата од 130-114 на Голден стејт. И двајцата, по мечот, сепак сакаа да ја смират тензијата не навлегувајќи во нови вербални конфликти…„Тој си игра за неговиот тим, јас за мојот. И тоа е тоа“ – рече Вестбрук.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА