Филип Миркуловски ја продолжи соработката со Вецлар до јуни 2018 година. Германскиот бундеслигаш денеска го официјализира потпишувањето на новиот едногодишен договор со македонскиот реперезентативец.
„Чест ми е да го носам дресот на Вецлар. Овде одлично се вклопивме и јас и моето семејство и се чувстуваме прекрасно во оваа средина. Имаме одлична атмосфера во тимот, што е многу важно за успех. Нашите тренери веруваат во нас и ние во нив. Имаме одлична сезона, во клубот се работи максимално професионално, а навивачите се одлични. На секој натпревар имаме одлична атмосфера и задно може да ги оствариме нашите цели. Овде во Вецлар се создава голем проект и за мене е чест што имам можност да бидам дел од сето тоа“ – изјави Филип Миркуловски за официјалниот сајт на клубот.
Продолжувањето на соработката со македонскиот плејмејкер од тренерот на екипата Каи Вандшнајдер беше поздравена како одличен потег со кој Вецлар добива искуство и квалитет.
„Јас сум навистина среќен што Филип ја прифати понудата од Вецлар. Тој е пример за професионалец и извонредна личност. За мене Филип е еден од најдобрите плејмејкери во лигата што се во сенка. Тој има огромна улога во нашиот тим. Филип е тивок лидер со огромно искуство. И надвор од теренот од него имаме голема помош посебно во интегрирањето на новите играчи како што беше со доаѓањето на Бенјамин Буриќ или потоа со Стефан Чавор. Забавно е да се работи со него“ – истакнува тренерот на Вецлар, Каи Вандшнајдер.
Миркуловски во Вецлар дојде летото 2015 година од тимот на Хановер во кој настапуваше една полусезона. Во Германија се пресели по кризата и распадот на шампионскиот тим на Металург, во кој беше 12 години.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА