Везенков потпиша, сега на потег е Црвена Звезда

Саша Везенков и официјално го комплетираше трансферот назад во Олимпијакос откако бугарскиот репрезентативец потпиша петгодишен договор со „црвено-белите“ од Атина. Овој трансфер предизвика еуфорија меѓу приврзаниците на Олимпијакос, но и оние на Црвена Звезда кои се убедени дека по ваквиот развој на настаните сега и нивниот клуб ќе го добие засилувањето што го посакува.

Станува збор за Филип Петрушев, крилниот центар кој пред две сезони со голем успех настапуваше за Црвена Звезда, минатото лето реши да се пресели во НБА, но откако не се снајде најдобро се врати назад во Европа и потпиша за Олимпијакос. Српскиот тим се интересираше за Петрушев уште пред еден месец, но грчкиот гигант веднаш ја отфрли понудата сметајќи на Петрушев како на значаен адут во новата сезона.

Сега ситуацијата е променета, ако се знае дека Везенков игра на иста позиција како и Петрушев, а Барцокас за истиот дел од тимот го има и Питерс, кој беше прва опција на „четворка“ минатата сезона. Се очекува Грците да бидат подготвени за разделба ако добијат интересна понуда, па на потег е Црвена Звезда, да ги интензивира преговорите и да се обиде да го врати Петрушев назад во Белград, како последно засилување на „црвено-белите“ за новата натпреварувачка сезона.

Се вчитува...