Везенков се враќа „дома“ – најбогат договор во историјата на Евролигата

Саша Везенков ќе биде најновата „трансфер-бомба“ во Евролигата, откако бугарскиот репрезентативец го договори своето враќање назад во Олимпијакос, една година откако го напушти грчкиот тим за да се испроба во НБА-лигата. Везенков не се снајде од другата страна на Атлантикот, имаше лимитирана минутажа во Сакраменто, а откако беше испратен во Торонто, по што доби и раскин со „рептилите“, тој од неколкуте понуди на маса ја избра онаа на Олимпијакос.

„Црвено-белите“ од Атина со право се загрижени поради огромните инвестиции на лутиот ривал Панатинаикос, па газдите на Олимпијакос решија да одговорат на ист начин – врзувајќи го Везенков со најбогат договор во историјата на Евролигата.

Грчката агенција SDNA обелодени дека бугарскиот репрезентативец ќе потпише петгодишен договор со Олимпијакос за вкупна сума од 20,5 милиони евра. Тој ќе има годишна плата од 3,7 милиони евра, што значи дека 18,5 милиони од вкупната сума се загарантирани, а останатите два милиони се поврзани со бројот на освоени трофеи на Олимпијакот во наредните пет години.

Покрај тоа, Везенков ќе добие на користење куќа во најлуксузниот дел на Пиреја што ќе ја плаќа клубот, како и луксузен автомобил што тој самиот ќе го избере… како што јавуваат грчките медиуми сите детали се договорени и се чека само на официјален потпис на договорот со кој Олимпијакос ќе добие суперзасилување за наредната сезона.

Се вчитува...