Брегалница дојде и до втората победа на стартот од новата сезона во Втората лига – Исток, триумфирајќи со 3-1 (0-0) против Плачковица во 2. коло од шампионатот.
Во натпревар во кој тимот на Добринко Илиевски сосема заслужено дојде до трите бода, во првото полувреме „сините“ не успеаја да реализираат неколку убави можности за погодок.
Второто полувреме почне со далеку поагресивна игра во нападот. Веќе во 47. минута гостите се спасија по шутот на Сашо Шопоски од 16 метри, за да водството следи во 50. минута со погодокот на капитенот Ристе Наумов.
Одлична акција по левата страна на Брегалница, Анџело Николовски нафрли пред голот на Плачковица каде на само неколку метри осамен Наумов не може да погреши.
Во 56. минута нова одлична шанса за составот на Добринко Илиевски. По корнерот на Додев, одличен обид на Дарко Стојанов но гостите расчистуваат на самата гол линија.
Па, откако не беа реализирани шансите, во 76. минута гостите казнија израмнувајќи на 1-1 со голот на Марјан Таранинов. По корнерот од десната страна, Таранинов одличен во скокот со глава и од 7-8 метри прецизно стрелаше под гредата од голот на Брегалница.
Сепак, по само три минути сосема заслужено ново водство за Брегалница. Одлично изведен корнер од десната страна, а Наумче Бакрачевски од десет метри извонредно со глава сместува во мрежата од гостинскиот гол.
На крајот во втората минута од судиското продолжение на 3-1 заокружи Љупче Кудев кој со 16 години е еден од најмладите стрелци во историјата на Брегалница на официјален првенствен натпревар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА