ПСЖ под водство на Луис Енрике дојде до историски резултат за првпат освојувајќи ја титулата во Лигата на шампионите. Во финалето го надиграа миланскиот Интер со убедливи 5-0, што е најубедлива победа во финале во историјата на ова натпреварување.
ПСЖ ја освои и тројната круна, која Енрике ја оствари по вторпат во својата кариера девет години по истиот подвиг во Барселона кога ја водеше генерацијата предводена од Лео Меси, Луис Суарез и Нејмар до врвот на Европа. Освен со своите тактички идеи, шпанскиот тренер привлече внимание и со своето коректно однесување за време на финалето.
На интернет се прошири видео на кое се гледа како Енрике, додека играчите на ПСЖ славеа со пехарот во раце, ги гледаше очајните играчи на „нераѕурите“ од подиумот. Шпанецот веднаш се сврте кон нив и ги награди своите ривали со аплауз. Тој зборуваше за овој момент во своите изјави по финалето, иако видеото од неговиот гест неодамна стана популарно на социјалните мрежи.
„Сакам да истакнам една сцена што е многу ретка за гледање на крајот од финалето, кога го добивате трофејот. Сакам да го пофалам Интер“ – рече Енрике и додаде:
„Сите играчи и целиот персонал останаа со почит да чекаат на теренот додека не завршивме со славењето. И покрај болката од поразот, тие одлучија да останат таму. Мислам дека тоа е одлична лекција за децата, во животот и во фудбалот се победува и се губи. Мора да знаете како да губите, на овој свет има луѓе кои знаат само како да победуваат. Не! Мора да покажете почит кон противникот дури и кога губите, како што направи Интер. Им благодарам за тоа.“
L’énorme respect de Luis Enrique envers les joueurs de l’Inter Milan #PSG pic.twitter.com/3W4tPOctJA
— ParisTeam (@Paristeamfr) June 4, 2025
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

