ВИДЕО: Јетон Беќири пред денешниот дуел со Лудогорец – „Време е за најдобриот меч на Шкендија ова лето!“

Македонскиот шампион Шкендија вечерва од 19:30 часот во Разград, на мегдан со бугарскиот шампион Лудогорец, на реванш дуелот од плеј-оф рундата за место во групите од Лигата на Европа оваа есен.

По триумфот во Скопје од 2-1, „црвено-црните“ сега силно веруваат дека може да го изненадат бугарскиот тим кој и натаму е фаворит во оваа пресметка. Сепак, тренерот Јетон Беќири нагласува дека можеби сега е моментот да се одигра најдобриот натпревар ова лето и Шкендија да се најде во групите на второто по квалитет европско клупско натпреварување.

„Лудогорец е фаворит, но знам дека ние ќе го дадеме нашиот максимум да го одиграме најдобриот натпревар ова лето и преку дисциплинирана игра да дојдеме до групите од Лигата на Европа. Зошто да не? Носиме голем респект за противникот кој е квалитетна екипа која може лесно да ве казни во секој момент. Но, мора да се обидеме да дадеме се, бидејќи во овој момент нема што да загубиме“ – вели Беќири притоа дополнувајќи:

„Не сакаме да создаваме некаква еуфорија пред денешниот меч. Напротив, секако дека екипата на Лудогорец е фаворит, но фудбалот е убав затоа што фаворитот не секогаш победува на теренот“.

Шкендија се соочува и со повредени фудбалери, но секој кој ќе се најде на теренот ќе го дадем максимумот.

„Сите се подготвени. Имаме неколку играчи со мали проблеми, па ќе видиме дали ќе може да ни помогнат. Со нас не е Атдхе Мазари затоа што се уште нема право за настап, а сите други се во комбинација. Секој играч е важен за Шкендија, особено покажавме дека оние кои влегуваат од клупата, во посебни моменти се уште поважни од оние во првата формација“ – истакнува Беќири.

Се вчитува...