Репрезентацијата на Македонија е и тоа како интересна и за полските медиуми во очекување на Европското првенство за играчи до 21 година. Како новинарите од Полска гледаат на селекцијата на Благоја Милевски говори и новинарот од радио Гдањск, Мариуш Хавришчук, кој изминативе месеци потемелно се занимаваше со проучување на младата репрезентација на Македонија.
„Колкави се можностите на репрезентацијата на Македонија е голем знак прашалник. Ова е за нив прво учество на еден голем европски настан воопшто, и секако е историја. Колку може сега да бидат изненадување и тука не може да се каже со сигурност“ – вели Хавришчук и дополнува:
„Но, ако се каже дека тоа е селекцијата која во квалификациите не загуби од репрезентација од ранг на Франција која во своите редови има ѕвезди од Лион, ПСЖ, и истата таа репрезентација ја остави зад себе, доволно зборува дека во Гдиња ќе може да гледаме еден интересен тим“.
А, ако треба да се издвојат поединци од составот на Благоја Милевски…
„Добро тука е Давид Бабунски поранешен фудбалер на Барселона, но и офанзивците како Кире Маркоски, Марјан Радески кои покажаа во квалификациите дека знаат да постигнуваат голови. Да бидеме реални, македонскиот фудбал не е при врвот на европската сцена и ова за нив е огромен успех. Но, никако овие млади Македонци никој не може предвреме да ги избрише. Дисциплината, тимскиот дух и тактички одличната поставеност е најголемата сила на составот на Благоја Милевски“ – вели Хавришчук.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА