ВИДЕО: Кога Македонија ја победи Англија со Фоден – Феноменалниот гол на Јани Атанасов со „ножички“!

ЕКИПА во Манчестер,

Владимир Булатовиќ

Македонските фудбалски селекции и тоа како имаат позитивни моменти од пресметките со Англија низ досегашната своја историја. На тоа, и тоа како, се сеќаваат и домаќините од Англиската фудбалска асоцијација кои го потенцираат дуелот и меѓу младите репрезентации до 19 години одигран пред пет години во Скопје.

Македонија има триумф од 2-0 против Англија во пресметката на младите селекции до 19 години во елитните квалификации за ЕП.

Тогаш, на 27. март 2018 година во Скопје, Македонија славеше со головите на Јани Атанасов и Димитар Митровски.

Посебно спектакуларен гол постигна актуелниот сениорски репрезентативец Јани Атанасов кој и сега е со националниот тим во Манчестер. Тогаш уште во раната фаза од мечот Атанасов постигна спектакуларен гол со „ножички“…

„Секако дека се сеќавам на тој натпревар. Одигравме одличен меч во кој ги изненадивме Англичаните, се надевам дека ќе успееме и сега во Манчестер да им го презентираме нашиот квалитет“ – вели Атанасов.

А, за Македонија која тогаш од клупата беше предводена од Вујадин Станојковиќ, од актуелните сениорски репрезентативци настапи и Елиф Елмас, но и Дарко Чурлинов, Бојан Миовски и Енис Фазлагиќ кои сега поради повреди ги нема во националниот тим. За Англија, пак, на тој меч во 2018 година во Скопје играше Филип Фоден од Манчестер сити кој и сега се очекува да настапува утре на „Олд Трафорд“.

Се вчитува...