Видиќ открива: Бев пред потпис со Ливерпул, но тогаш ми се јави Алекс Фергусон…

Немања Видиќ останува запаметен како еден од најдобрите дефанзивци во историјата на Премиер-лигата откако српскиот ас формираше беспрекорно партнерство со Рио Фердинанд во дресот на Манчестер Јунајтед.

Сепак, Видиќ обелодени дека се можело да биде сосема поинакво доколку во периодот кога решил да си замине од Спартак Москва ја прифател понудата на Ливерпул, наместо онаа на Јунајтед.

„Точно е, бев многу блиску до потпис со Ливерпул. Рафа Бенитез ми се јави, беа заинтересирани за мене и јас сакав да отидам на Енфилд. Сепак, англискиот јазик ми беше проблем, се мачев со комуникацијата и поради тоа размислував повеќе од вообичаено. Потоа, се се промени кога добив повик од Алекс Фергусон. Беше краток и јасен: Те гледав на мечот Франција – Србија и те сакам овде во Манчестер. Тие беа толку конкретни во разговорите, средија се буквално за два дена, немав ниту време за размислување кога добив повик дека се е договорено и дека треба да заминам на прегледи во Манчестер“, открива Видиќ.

Србинот пристигна на „Олд Трафорд“ за сума од седум милиони фунти, одигра 300 натпревари за Манчестер Јунајтед и освои пет титули во Премиер-лигата со „црвените ѓаволи“, при што два пати беше избран и за најдобар фудбалер во елитното англиско фудбалско друштво.

Се вчитува...