Лусијано Вието ги реализираше најавите за заминување од Атлетико Мадрид, откако сезонава не доби шанса да се докаже кај Диего Симеоне, а во јануари „јорганџиите“ уште повеќе го засилија својот напад со Диего Коста од Челси. Изненадувачки, Валенсија е новиот клуб на Вието, откако тој денеска потпиша договор со „лилјаците“, иако претходно беше најавено дека се е договорено за Аргентинецот да му се приклучи на нашиот Стефан Ристовски во редовите на Спортинг Лисабон.
Сепак, како пресудна се покажала желбата на фудбалерот да остане во Шпанија, по што во последен момент се прекинати преговорите со Спортинг, а почнати нови со Валенсија. На крајот, постигнат е договор тој да настапува за клубот од „Местаља“ како позајмен играч до крајот на сезонава, по што Валенсија ќе има можност во текот на летото целосно да го откупи неговиот договор со Атлетико.
Јасно е дека Вието ќе нема загарантиран првотимски статус ниту во новиот клуб, со оглед на одличното функционирање на тандемот Заза – Родриго во досегашниот дел од сезоната.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА