Виктор Велкоски се реши за нов предизвик во кариерата откако 28-годишниот дефанзивец реши да си замине од Брегалница и повторно да се пресели во странство.
Казахстан ќе биде следната дестинација во кариерата на овој фудбалер, откако Велкоски се договори за трансфер со екипата на Туран Туркистан. Станува збор за тим што минатата сезона успеа да обезбеди влез од втората лига во елитното друштво во Казахстан, па челниците на тимот се надеваат дека Велкоски ќе им биде од помош за остварување на зацртаните цели за наредната сезона.
Потпишаниот договор е со важност до крајот на оваа календарска година, со можност за продолжување на соработката за уште една сезона.
Велкоски во својата кариера има настапувано за Љубанци, Вардар, Скопје, Победа, Работнички и Брегалница на домашната сцена, додека претходно во странство ги има брането боите на грчки Егиниакос и на албанскиот прволигаш Лаци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА