Челси го загуби мечот за трофејот „Комјунити Шилд“ од Манчестер сити, но фановите на лондонскиот клуб веднаш по натпреварот имаа причина за задоволство откако Вилијан јавно потврди дека ќе остане да го носи синиот дрес и во новата сезона. Бразилецот речиси цел месец се поврзуваше со Барселона, минатата седмица беше најавено дека понуда за негов ангажман испрати и Реал Мадрид, но Вилијан нема намера да ги менува клупските бои.
„Челси е единствениот клуб за мене и отсекогаш велев дека сакам да останам, без оглед кои клубови сакаа да ме доведат во своите редови. Ланската сезона беше разочарувачка, но ова е нова ера, со нов тренер. Имав многу позитивен разговор со Сари, верувам дека заедно можеме да забележиме бројни победи. На сите ни се допаѓа стилот на игра што го бара новиот стратег, но јасно е дека мораме уште повеќе да напредуваме“ – изјави Вилијан.
Останува да се види дали по стапките на Бразилецот ќе тргне и Еден Азар, кој денеска ќе се врати во Лондон и на состанок со клупската управата ќе даде до знаење дали ќе поднесе барање за трансфер, или пак ќе реши да остане на „Стемфорд бриџ“ уште најмалку една сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА