Македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски, не е единствениот на „радарот“ на шпанскиот тим Вилјареал. Најновите информации велат дека „жолтата подморница“ е заинтересирана и за чуварот на мрежата на хрватската репрезентација и на Динамо Загреб, Доминик Ливаковиќ.
Вилјареал бара замена за Херонимо Рули кој замина во Ајакс за сума од околу 8-10 милиони евра. Тие пари Вилјареал планира да ги потроши за нов голман, а таа сума би требало да биде доволна за Рајо Валјекано да го пушти Димитриевски на стадионот „Керамика“.
Шпанскиот тим сега се интересира и за Ливаковиќ. Но, треба да се има во предвид дека Динамо тешко ќе се откаже за таа цифра од својот прв чувар на мрежата, и дека ќе треба да издвои барем уште толку за да го добие неговиот потпис. Ливаковиќ се истакна со одличните партии на Мундијалот во Катар, себе си ја крена цената, и од тука сега Вилјареал треба да одбере дали да издвои повеќе пари за чувар на мрежата, или да ги потроши само оние кои ги доби за трансфер на својот голман во Амстердам.
Димитриевски лани беше пред трансфер во Барселона, но на крајот истиот пропадна затоа што Нето одби да ја напушти екипата. Потоа беше и пред трансфер во Ал Наср, сегашниот клуб на Кристијано Роналдо, но на крајот остана „верен“ на Рајо.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА