Кошаркарите на Пелистер вечерва (19 часот) продолжуваат со суперлигашкиот настап, на гостински терен против екипата на Гостивар. „Зелено-белите“ се лидери со скор од шест победи и еден пораз, гостиварци имаат скор од 1-6, но треба да се потенцира дека домаќините ќе влезат со нов тренер во мечот, и тоа екс-стратегот на Пелистер, Александар Петровиќ кој вечерва ќе дебитира на клупата на новиот клуб.
Јасно е дека Пелистер ќе ја има фаворитската улога, но мора да се посочи и дека традицијата не е на страната на битолчани, кои претрпеа порази на последните три гостувања во Гостивар. Последниот триумф на овие гостувања „зелено-белите“ го имаат во мај 2022, уште една причина да се биде максимално внимателен и мотивиран во текот на сите 40 минути од вечерашниот дуел.
Ленгстон Вилсон повторно ќе го понесе главниот товар во играта под обрачите, а американскиот центар верува дека брзата игра мора да биде заштитен знак на Пелистер на ова гостување.
„Наша главна сила е брзиот напад, контрите и полуконтрите кои треба да бидат заштитен знак и на овој натпревар. Добра одбрана и лесни поени на спротивната страна, тоа е она што ќе ни го донесе резултатот што сите го посакуваме. Многу важна ќе биде првата четвртина, мораме од самиот почеток да наметнеме силно темпо и на тој начин да си го трасираме патот до победата. Тоа ќе биде клучно на мечот во Гостивар“, вели Вилсон.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

