Седумкратниот шампион на Вимблдон, Роџер Федерер, е прв фаворит за освојување на титулата и на годинашниот турнир, барем според квотите во обложувалниците. Швајцарецот е трет носител на лондонскиот гранслем, а 3.00 е и квотата во обложувалниците за негова осма титула на Вимблдон. Тој на стартот од овој турнир ќе ги одмери силите со Александер Долгополов.
Втор фаворит е бранителот на титулата Енди Мареј со квота 4.50, кој ќе игра против квалификант, а по него се Рафаел Надал со 5.50 и Новак Ѓоковиќ со квота седум.
Освен овие „нормални“ понуди за обложување на претстојниот турнир на Вимблдон кој стартува на 3 јули, во обложувалниците во Англија има и помалку бизарни обложувања. Па така може да се вложат пари и на облог дека некој меч на Вимблдон ќе биде прекинат поради снег за што на една фунта добивката е 100.
Има „понуда“ и дека на „Олд Ингланд Клуб“ ќе снема шампањско и јагоди и квотата за овој облог е 34. Предвидување дека во Лондон во наредните две седмици за време на третиот тениски гранслем нема да заврне дожд е со квота 11.
Со квота 9 се два облози – дека поради дождот ќе биде одложена дневната програма без да се смета покриениот централен терен и дека некој од тенисерите или тенисерките ќе биде предупреден од судиите за прекумерно „стенкање“.
Со оглед на ригорозните правила на Вимблдон според кои тенисерите смеат да имаа само два сантиметри друга боја на белата опрема, не чуди понудата со коефициент два на облог дека некој од тенисерите ќе мора да ја менува опремата.
Гранслем турнирот на Вимблдон ќе се одржи од 3 до 16 јули. Први носители се Енди Мареј на машкиот и Анжелик Кербер на женскиот дел од турнирот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА