Богатите шеици од Саудиска Арабија повеќе од една година се обидуваат да го привлечат Винисиус, подготвувајќи вкупна понуда од над една милијарда евра за да го доведат големиот ас на Реал Мадрид во својата земја.
Од оваа сума, 500 милиони евра би биле наменети за Реал Мадрид, но Флорентино Перез јасно стави до знаење дека нема намера да се раздели од својата голема „ѕвезда“ без оглед на парите што ќе бидат понудени. Шансите за ваков мегатрансфер од денеска се сведени на теорија, откако и самиот Винисиус јасно стави до знаење дека не планира во блиска иднина да си замине од „Сантијаго Бернабеу“.
„Она што е за мене најважно, мојот сон е да останам овде и да продолжам да испишувам историја со Реал Мадрид. Се надевам дека ќе останам уште долги години овде и ќе продолжам да освојувам трофеи како што тоа го правев и досега. Мои фудбалски идоли се Кристијано Роналдо и „феноменот“ Роналдо, тие беа дел од историски ери на Реал Мадрид и јас сакам да ги следам нивните стапки“, изјави Винисиус.
Бразилскиот голгетер досега има одиграно 291 натпревар во дресот на Реал Мадрид, постигнувајќи 101 гол и 83 асистенции. Неговиот договор истекува во јули 2027 година, а клаузулата за раскин изнесува една милијарда евра.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА