Винисиус лично се сретнал со шеиците, понудата од Саудиска Арабија не може да се одбие

Иднината на Винисиус во Реал Мадрид е сериозно доведена во прашање откако Бразилецот најпрвин ја одби понудата да потпише нов договор со Реал Мадрид, а утрово беше обелоденето дека одличниот голгетер имал лична средба со претставниците на Фудбалската Федерација на Саудиска Арабија кои не ја кријат желбата да го доведат во својата земја.

Веста прв ја објави мадридскиот весник „Марка“ кој важи за добро упатен за случувањата во „кралскиот клуб“, што дава дополнителна тежина на шпекулациите дека Винисиус би можел на крајот на сезонава да го напушти најтрофејниот европски клуб. Тој заедно со своите агенти лично седнал на маса со потпретседателот на Про-лигата на Саудиска Арабија, Саад ал Лазез. Состанокот бил организиран на „неутрален терен“ во Прага, разговорите траеле 15 минути, а Винисиус за време на средбата имал и кратки видео-разговори со луѓето од највисокото раководство на државата, кои јасно му ставиле до знаење колку сакаат да го видат во Саудиска Арабија.

Како што информира „Марка“, понудата е премногу добра за да биде одбиена, Винисиус би бил прва ѕвезда на лигата во годините што следат (се очекува Роналдо да игра уште само една година, па да се пензионира), а финансиите секако се најмалку пет пати повисоки од она што му го нуди Реал за продолжување на соработката.

Доколку трансферот биде реализиран, се очекува Реал да заработи најмалку 300 милиони евра од продажбата на Бразилецот, пари што ќе бидат реинвестирани за ангажман на најмалку две нови врвни засилувања во летниот преоден рок.

Се вчитува...