Клубовите од Саудиска Арабија беа неочекувано тивки во досегашниот дел од преодниот рок, не тргнувајќи во офанзива по врвни играчи од европскиот фудбал како Салах, Де Бруине, Едерсон, Бруно Фернандеш… имиња кои во последните месеци беа поврзувани со преселба во оваа земја.
Последните информации говорат дека во Саудиска Арабија се подготвувала уште поголема трансфер-бомба од онаа кога дојде Кристијано Роналдо, откако била најавена понуда од околу две милијарди евра за Винисиус. Бразилецот на Реал Мадрид има клаузула со која може да си замине од „Сантијаго Бернабеу“ за една милијарда евра, а за да го убедат да го напушти Мадрид челниците на саудиски клуб чие име засега не се објавува му понудиле и годишна плата од 350 милиони евра, за најмалку три сезони.
Винисиус згора на тоа ќе имал и дополнителна заработка како заштитно лице на Мундијалот што треба да се одржи во оваа земја во 2034 година.
Саудијците во Бразилецот гледале идеален наследник на Кристијано Роналдо откако Португалецот ќе реши да се пензионира (најверојатно во 2025 година), но се изненадиле кога веднаш добиле негативен одговор на оваа мега-понуда. Винисиус бил јасен – среќен е во Реал и нема намера да си замине од „Сантијаго Бернабеу“. Останува да се види дали богатите газди од Саудиска Арабија ќе се откажат, или ова брзо НЕ ќе ги натера да се вратат со уште побогата понуда за Бразилецот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

