Навивачите на Реал Мадрид можат мирно да „спијат“, вака денес пишува шпански „АС“, кој открива дека шпанскиот великан го продолжил договорот со својата млада ѕвезда Винисиус Јуниор. Бразилскиот напаѓач имаше првичен договор со Реал до крајот на сезоната 2023/2024, а сега истиот е продолжен до летото 2027 година.
Своевремено Реал го чекаше Винисиус да го прослави 18-от роденден за да ги почитува правилата за најниската граница за трансфери на фудбалери од странство. За него „кралевите“ платија 46 милиони евра и со потврдувањето на трансферот на 12 јуни 2018 година го соборија клупскиот рекорд за доведување играчи до 19 години.
За четири години, Бразилецот има одиграно 187 натпревари, а на истите успеа да запише 44 гола и 48 асистенции. Винисиус според Трансфермаркт вреди 120 милиони евра. Според „АС“, договорот за продолжување на соработката бил договорен уште во летните месеци.
Откриени се и некои детали од договорот. Винисиус играше за плата од три милиони евра по сезона, а сега ќе игра за приближно осум милиони годишно.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

