Светот на модерниот фудбал го вртат милионите, па затоа е освежувачки да видите пример на играч од највисока класа како Флоријан Вирц, кој е решен да ја стави лојалноста пред богатството. Токму тоа го стори суперталентираниот 21-годишен офанзивец кога одби неколку понуди од европски гиганти, решавајќи наместо тоа да потпише нов договор со Баер Леверкузен.
Актуелниот договор на Вирц истекуваше на крајот од следната сезона, што практично значеше дека ако не ја продолжи верноста, тој летово ќе биде продаден, а фактот дека ќе има уште помалку од 12 месеци од договорот ќе ја спуштеше неговата цена под 100 милиони евра. Вирц сепак не заборави што направи овој клуб за него (на 21 година веќе има речиси 200 натпревари на сениорско ниво, со 56 гола и 63 асистенции), па во знак на лојалност прифати да потпише нов договор со Баер, со важност до 2028 година.
Притоа, неговата плата од осум милиони евра годишно скокна на 10 милиони, што сепак е двојно помалку во однос на она што ќе го заработуваше ако се преселеше во редовите на големиот ривал Баерн Минхен. Сепак, Вирц инсистираше приоритет во преговорите да му даде на сегашниот клуб, што на крајот вроди со целосен договор.
Се очекува само официјализација на истиот, но веќе е извесно, најдобриот фудбалер на Баер и во следната сезона ќе го носи дресот на „фармацевтите“. Тоа најверојатно ќе биде и негова последна во Леверкузен, ако се знае дека во јули 2026 ќе стане активна клаузулата за раскин во висина од 125 милиони евра. Сума што е висока, но ако се знае колку е квалитетен Флоријан Вирц, дефинитивно пари што голем дел од европските гиганти се подготвени да ги издвојат за да го доведат овој извонреден напаѓач во своите редови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА