Вирц ќе повлече нога: Уште три „ѕвезди“ го напуштаат Леверкузен, се чека и нов тренер

Флоријан Вирц веќе стави до знаење дека летово ќе си замине од Баер Леверкузен, а фудбалскиот генијалец нема да биде единствениот што ќе ги напушти „фармацевтите“ во текот на летниот преоден рок.

Германските медиуми најавуваат дека уште најмалку тројца првотимци летово ќе си заминат од Баер, згора на тоа веќе е извесно и напуштањето на клупата на Чаби Алонсо, па јасно е дека „фармацевтите“ ги очекува сериозен ремонт на играчкиот кадар во текот на летото.

Џонатан Тах веќе најави дека нема да потпише нов договор, па германскиот репрезентативец како слободен играч ќе си замине од клубот. Веќе извесно време се шпекулира дека Тах има преддоговор со Барселона, но последните информации велат дека Чаби Алонсо се обидува да го убеди да дојде заедно со него во Реал Мадрид.

Вирц инсистира на трансфер во Баерн, а друшто би можел да му прави и Патрик Шик. Чешкиот ас е достапен за 20 милиони евра, сума што Баерн без проблем би ја платил за да го доведе Шик како резерва за Хари Кејн, кој немаше соодветна замена сезонава.

Џереми Фримпонг е уште еден фудбалер кој се наоѓа на излезна врата, офанзивниот десен бек има клаузула за заминување од 40 милиони евра и моментно се наоѓа најблиску до Ливерпул, како замена за Трент Александер Арнолд.

Се вчитува...