„Виртуелните газди“ го уништија Шкупи: Вака (за)поставен клуб е срам за сопствената традиција, но и „рак-рана“ на македонскиот фудбал!

Наспроти концептот на конечно поставување систем кој претставува здрава основа за реално заздравување на домашниот клупски фудбал но и систем пред се темелен на строго почитување на правилата, еднаквост за сите и беспрекорна борба со апатијата и корупцијата во фудбалот, промовиран од новото раководство на Фудбалската федерација на Македонија кое нескриено ги става максималните свои капацитети за фудбал каков што посакуваме, прволигашката сцена на стартот од сезоната се соочува со „рак-рана“ во името на, за жал, клуб со огромна традиција и наследник на некогашниот трикратен шампион од Чаир – ФК Шкупи.

По сите оние трагични индикатори уште во предсезонскиот период, „засилувањето“ на екипата со белосветски анононимни аматери, скандалозниот договорен пријателски натпревар (пораз од 6-1, со шпекулации за сомнителни уплати на Блискиот Исток) со Анталијаспор на кој чаирчани како аматерска експедиција отпатувала туристички во Турција со само 14 фудбалери, и шокантните претходни информации за сомнежи за местен натпревар против Арсими кој новиот прволигаш одби да го игра, на крајот сето тоа се заокружува со неможноста Шкупи да обезбеди минимални услови за одигрување прволигашки натпревари на својот стадион во Чаир.

И, на сето тоа, вистинскиот шок е што нема ни трага, ни глас од „виртуелните газди“ на Шкупи, ни оперативци на клубот желни за надминување на проблемите, ни тренер, па ни играчи… Во суштина, нема клуб!

„Загрижува фактот што за време на инспекцијата на стадионот немаше присутен официјален претставник на ФК Шкупи. Единствено беа претставници на навивачката група „Шверцери“, кои покажаа ентузијазам и желба да помогнат во поддршката на клубот. Сепак, доколку клубот навистина сака да ја реши ситуацијата, неопходно е да се појави официјален претставник кој јасно ќе ја соопшти намерата и чекорите што ќе се преземат. Ги повикуваме сопственикот и извршниот директор на клубот да се појават на стадионот во Чаир и да преземат мерки за нормално функционирање на ФК Шкупи. ФФМ, како и досега, ќе направи се што е потребно да му помогне на клубот, но истовремено потенцираме дека не смее да се дозволи натпревари, особено со висок ризик, да се играат во вакви услови“ – се вели и во последната порака од Фудбалската федерација на Македонија.

Но, веќе и дефинитивно е јасно дека со ваквиот однос на Шкупи и неговите „виртуелни газди“, кои, за жал, се помасовно ги има во Македонија, а кои во суштина се малку заинтересирани за фудбал, се удира на интегритетот на македонскиот фудбал, кој, без сомнение, мора да се заштити. Еден ваков Шкупи е, пред се, срам за самиот себе и сето она наследство на фудбалски Чаир оставено преку трите титули на Слога Југомагнат, но и шампионскиот пехар од 2022 година. Затоа што македонскиот фудбал без Шкупи секако може! Но, дали клубот навистина може да избрише една огромна фудбалска традиција на Чаир, дали навивачите и искрените љубители на фудбалот во Чаир може да дозволат поигрување со сопствената спортска историја.

Целокупниот однос на „газдите“ на клубот од Чаир, тоталната негрижа за веќе небезбедните трибини на стадионот, недозволено смешните а тотално небезбедни мрежасти огради на само половина метар зад головите, необезбедените минимални услови за поставување на ВАР-системот и соодветни услови за ТВ-репортерите и медиумите, искршените резервни клупи за фудбалерите…, се потсмев кон сите останати клубови и македонскиот фудбал воопшто. Но, и реална опасност по безбедноста на сите фудбалски актери, а најмалку и омаловажување на клубот и неговата традиција.

Затоа една ваква „рак-рана“ и тоа како мора да се запре на стартот, во моменти кога желбата е конечно прволигашката сцена да добие ниво повисоко од досегашното. Ако е неоопходно, и со непопуларно радикални мерки за исклучување на клубот од прволигашкото натпреварување!? Во спротивно метастазирањето на „виртуелните газди“ од ваков тип и тоа како се реална опасност за македонскиот фудбал воопшто. Чаир и неговите искрени фудбалски фанатици знаат дека ова вака повеќе не може да продолжи…!

Се вчитува...