Виса го крена гласот против раководството на Брентфорд: Ослободете ме!

Напаѓачот на Брентфорд, Јоан Виса преку социјалните мрежи испрати порака до сопствениците на англискиот премиерлигаш во која ги оптужи за прекршување на договор за дозола за негов трансфер ова лето.

За Виса постои голем интерес од страна на Њукасл Јунајтед, но сумата која ја бара Брентфорд од 75 милиони евра е преголема за 28-годишникот кој минатата сезона постигна 19 голови на 35 настапи во Премиерлигата.

„Во текот на изминатите неколку недели, шпекулациите за мојата иднина во фудбалскиот клуб Брентфорд се засилија. Како резултат на тоа, сакав директно и искрено да зборувам за тоа како стојат работите. Молчев поголемиот дел од летото, но со само неколку часа преостанати до крајот на преодниот рок, се чувствувам должен да ставам до знаење дека сакам да го напуштам Брентфорд. Верувам дека клубот неразумно ми стоеше на патот и покрај голем број фер понуди во текот на летото“, напиша Виса на социјалната мрежа „Инстаграм“.

„Секогаш сум давал 100 проценти за Брентфорд уште од денот кога потпишав во 2021 година. Горд сум на она што го изградивме заедно и никогаш не ја земав здраво за готово можноста да играм за клубот. Навивачите на Брентфорд секогаш ќе имаат посебно место во моето срце. И секогаш сум се однесувал професионално, и на теренот и надвор од него. Беше привилегија да го носам овој дрес на 149 натпревари и да прославам 49 голови.

Порано ова лето, имав отворени разговори со вишиот менаџмент на клубот, вклучувајќи ги клучните директори и новиот главен тренер. Јасно ја искажав мојата намера да истражам нов предизвик. За време на овие разговори, мене и на моите претставници ми беше потврдено дека клубот нема да ми застане на патот доколку пристигне разумна понуда. Ова беше и писмено.

Врз основа на тоа разбирање, побарав нов клуб, информирајќи го Брентфорд со целосна транспарентност во секој чекор. Добив формална понуда од друг клуб од Премиерлигата и ја соопштив мојата желба да се приклучам. Имав впечаток, од сите мои разговори со Брентфорд, дека постои заеднички договор за разделба.

Како што се ближи крајот на преодниот рок, клубот значително го промени својот став, дејствувајќи спротивно на она што беше соопштено. Ова ме стави во тешка и фрустрирачка позиција. Ветувањето дека би можел да си заминам ова лето не е исполнето. Ме растажува што морам да го пишувам ова и го задржувам целосното почитување кон клубот и неговите навивачи.

Се надевам дека ќе може да се најде фер и разумно решение пред затворањето на преодниот рок. Во меѓувреме, морам да го направам она што верувам дека е исправно за мојата кариера и моето семејство и да инсистирам Брентфорд да го почитува своето ветување да ми дозволи да се приклучам на нов клуб по фер цена. Принудувањето да останам по ова лето само ќе ми ги расипе четирите прекрасни години во овој неверојатен клуб и затоа ги молам сопствениците и директорите на Брентфорд да го почитуваат своето ветување сега и да ми дозволат да си заминам во последните часови од преодниот рок“

Се вчитува...