Вкупно 19 пливачи од девет земји од светот ќе настапат на најпрестижната домашна пливачка манифестација – Охридскиот пливачки маратон, кој оваа година по 37 пат ќе се одржи на 31. август, под капата на ЛЕН, а во рамките на Фестивалот на водени спортови „Ohrid Water Festival 2024“.
Во машка конкуренција ќе се натпреваруваат 11 пливачи, а во женска конкуренција пријавени се осум пливачки за трката на 25 километри на патеката „Климе Савин“ од Св. Наум до Охрид.
Македонија на Охридскиот пливачки маратон ќе ја претставуваат Леонид Мишевски, Евгениј Поп Ацев и Александар Илиевски во машка конкуренција, а во женска конкуренција – Росана Гошева.
Наградниот фонд на маратонот изнесува 12.000 евра, од кои 2.000 евра се предвидени за најбрзите во двете конкуренции на две контролни бови, односно спринтови.
Охридскиот пливачки маратон се одржува во организација на Општина Охрид со поддршка на Министерството за спорт и Пливачката федерација на Македонија , а технички организатор е ПК Охридски бранови 2008 – Охрид.
Покрај Охридскиот пливачки маратон, оваа година во водите на Охридското Езеро кај градскиот кеј, на 28. и 29. август ќе се одржи и Балканско првенство на отворени води во јуниорска конкуренција на кое ќе учествуваат околу 200 млади пливачи од регионот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА