Владан Новевски и Вождовац со лекција за Црвена Звезда: По цели две години пораз за шампионот во Суперлигата (ВИДЕО)

Македонскиот младински репрезентативец Владан Новевски и Вождовац се тимот кој успеа по цели две години да го добие „скалпот“ на белградска Црвена Звезда во српската Суперлига. Во 5. коло од шампионатот на Србија, Новевски и Вождовац славеа со 3-2 против Црвена Звезда на дуелот во Белград што е прв пораз за „црвено-белите“ во Суперлигата по 27. октомври 2021 кога загубија од Радник Сурдулица со 2-1.

21-годишниот Новевски беше стартер на денешниот меч за Вождовац играјќи извонредна партија во средниот ред на својот тим кој ја доби клучната битка за трите бода против големиот фаворит. Новевски, кој во новата сезона досега ги одигра сите пет натпревари за Вождовац, настапи до 65. минута на дуелот.

Вождовац одигра феноменален еден час, токму во периодот на игра и на македонскиот фудбалер. Домашните поведоа со голот на Бурмаз уште во 5. минута, а Нешковиќ во 44. минута постигна прекрасен погодок за 2-0.

Веќе во 61. минута Теодоровиќ постигна нов убав гол за сензационално водство на Вождовац и од 3-0.

Домашниот тренер, од 65. минута кога беа повлечени Новевски и Митровиќ, се одлучи на позатворена варијанта, па Црвена Звезда успеа да дојде до драма. Најпрво со голот на Родиќ во 74. минута да намали на 3-1, а потоа и Канга од пенал во 92. минута погоди за 3-2. Но, тоа беше се од гостите кои мораа да се помират со пораз.

По четирите победи, ова е прв пораз за Црвена Звезда сезонава, за втора позиција на табелата зад ТСЦ Бачка Топола. Вождовац е на третата позиција со две победи и три ремија, без пораз на стартот од сезоната.

Standings provided by Sofascore

Се вчитува...