Поранешниот младински репрезентативец на Македонија, Владан Новевски повторно се врати во својата Војводина, каде ја продолжува својата кариера, таму каде што застана пред да замине во редовите на Вождовац.
По одличната полусезона, 23-годишниот Новевски, на инсистирање на шефот на стручниот штаб Мирослав Тањга, повторно се враќа во дресот на Војводина.
Новевски фудбалски потекнува токму од школата на Војводина за кој клуб настапуваше до 2023 година. Потоа се пресели во редовите на српскиот суперлигаш Вождовац, па во српскиот прволигаш Кабел Нови Сад, од каде сега повторно се враќа во новосадскиот суперлигаш. Ги има минато и сите младински македонски селекции настапувајќи за репрезентациите до 16, 17 и 19 години.
„По првите тренинзи, имам одлични впечатоци! Атмосферата е позитивна и работна. Нè очекуваат тешки подготовки и многу работа. Главно ги познавам моите соиграчи или од теренот или веќе некаде сме ја „делиле соблекувалната“, нема проблем со вклопувањето. Ме примија многу добро и сум подготвен да работам напорно. Не размислувам за бројот на натпревари, минути… Одам од тренинг до тренинг и мојата цел е да бидам малку подобар по секој работен ден. Верувам дека сè ќе дојде само по себе по квалитетна работа. Мојата единствена желба е да бидам здрав, а за останатото – тренинг и работа“ – истакна Новевски по потписот за Војводина, притоа осврнувајќи се и на амбциите на клубот за следната сезона.
„Европа, секако, пред сè. Ја следев минатата сезона, заврши онака како што заврши, сите гледаме само напред и кон предизвиците што нè очекуваат во новото првенство. Имаме многу време да се подготвиме, сè зависи од нас. Првата цел е да се подготвиме што е можно повеќе за сите предизвици на сезоната“ – вели Владан Новевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

