Владата одлучи: Ваучер системот останува, но ќе го финансира директно државата

Ваучер системот како начин на кој се финансираат огромно мнозинство од клубовите и спортистите во Македонија ќе претрпе промена во однос на досегашниот прилив на финансиите преку компании од данок на добивка и во иднина директно ќе го финансира државата, потврди министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Бесими вели дека допрва треба да се најде вистинското решение за институцијата која ќе го реализира предвиденото, а притоа остануваат и донациите за спортот од страна на стопанството и даночното ослободување.

„Одиме со поинакво решение. Ваучер системот нема да оди преку поддршка и ослободување од даночната обврска. Ваучерите ќе се реализираат преку програма на влада, директно како поддршка од буџетот. Институцијата што ќе го реализира тоа дополнително ќе се прецизира преку законот. Остануваат донациите за спортот од страна на стопанството и даночното ослободување како и за сите други јавни услуги што ги прави стопанството. Ќе можат фирмите да го користат даночното олеснување за донациите во спортот. Оваа важна категорија за поддршка на спортот останува, но со изменет систем затоа што досегашното решение во пракса создава црн пазар“, изјави министерот за финансии.

 

Се вчитува...