Првиот пријателски натпревар во рамките на подготовките за ЕВРО 2020, против Словенија на 1. јуни, македонската фудбалска репрезентација ќе го игра пред навивачи откако Владата вечерва и официјално одобри 30% од капацитетот на арената „Тодор Проески“ во Скопје да може да биде пополнет со навивачи.
Фудбалската федерација на Македонија побара денеска можност за една третина пополнетост на стадионот, па Владата одлучи да се дозволи присуство на навивачи како дополнителен поттик за фудбалерите пред заминувањето за Букурешт.
„Во знак на поддршка на Македонската фудбалска репрезентација, која за прв пат се пласираше на Европското првенство и која на 1 јуни ќе одржи подготвителен пријателски натпревар, членовите на Владата, на седницата донесоа Одлука за исклучок од постоечката забрана за одржување на спортски натпревари, односно подготвителниот натпревар кој треба да се одржи на 1 јуни на Градскиот стадион во Скопје да се одигра во присуство на 30 проценти исполнетост со публика од капацитетот на трибините. За дополнителни олеснувања за другите натпревари ќе се разговара на следната седница на Влада“ – објави вечерва македонската Влада од каде истакнуваат дека и за вториот пријателски натпревар против Казахстан на 4. јуни дополнително ќе има одлука.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА