Прославениот македонски кошаркарски ас Владо Илиевски е најсериозниот кандидат за нов спортски директор на Цедевита Олимпија, пренесуваат словенечките медиуми.
Како што пишува словенечки „Спортклуб“, актуелниот спортски директор Сани Бечировиќ по крајот на сезоната се сели во Панатинаикос каде ја презема менаџерската функција, а на негово место во „Стожице“ се враќа прославената македонска легенда Владо Илиевски.
„Бечировиќ ќе биде спортски директор уште толку колку ќе остане тимот во натпреварувањата во АБА лигата и во националниот шампионат. И додека него го чека функција во Атина, каде веќе работеше како кошаркар и помошник тренер, сè укажува на тоа дека нов спортски директор на Цедевита Олимпија ќе биде Владо Илиевски. Поранешниот македонски репрезентативец пред повеќе од дваесет години целосно се етаблираше во кошарката во Олимпија, за која настапуваше дури три сезони. Како кошаркар се покажа во многу престижни средини, вклучително и во Барселона, Анадолу Ефес и Сиена, но потоа се пресели во Љубљана со своето семејство. Во последните четири сезони 43-годишниот Македонец од Љубљана ја извршуваше функцијата претседател на КК Илирија“ – пишува словенечки „Спортклуб“.
А, заедно со Илиевски како нов тренер во клубот доаѓа Италијанецот Симоне Пјаниџиани кој во еден таков случај речиси сигурно ќе стане првиот тренер во 70-годишната историја на Олимпија кој не потекнува од поранешна Југославија. Поранешниот италијански селектор последен пат работеше во Кина, но најмногу го одбележа работата во тогаш стабилниот евролигаш и шампион на Италија, Сиена. Во еден период Илиевски настапуваше за Сиена токму под палката на Пјаниџиани.
Легендата на македонската кошарка, Владо Илиевски, по завршувањето на играчката кариера прифати еден поинаков предизвик во овој спорт, застанувајќи на чело на словенечкиот клуб Илирија. А, сега го чека враќање во „Стожице“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА