Владо Илиевски, отворено емотивно, за проблемите во семејството: „Сфатив дека родител е подготвен да направи буквално се за своите деца!“ (ВИДЕО)

Во најновата епизода на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА.МК гостуваше едно од најголемото имиња на македонскиот спорт во историјата, Владо Илиевски.

Но, Илиевски и дефинитивно не е само спортска икона на Македонија, туку пред се и човек со огромно срце, хуманитарец кој долго време е вклучен во бројни хуманитарни мисии како почесен амбасадор на Меѓународниот сојуз за цивилно општество. Сето тоа, како начин за поддршка на лица на кои им е потребна помош, и поради личното искуство и борбата со аутизмот на неговите двајца синови Лука и Јакоб.

Владо, и во „ПРЕСИНГ“, отворено и искрено, зборуваше за проблемите со кои се соочувало неговото семејство во минатото, но и максималната борба негова и на неговата сопруга, истакнатата словенечка кошаркарка Ања Вилфан Илиевски, инаку ќерка на легендарниот југословенски кошаркарски ас, Петар Вилфан, кој е едно од најголемите имиња во историјата на европската кошарка, да им се помогне на нивните деца да добијат среќно детство и посреќна иднина.

„Бидејќи во семејството имавме проблем, затоа што моите деца, нели, се со посебни потреби, па моравме да бидеме постојано со нив цело време. Па, искрено кажано, и мојата фамилија којашто е овде во Македонија ја немав видено едно две години“ – вели Илиевски во „ПРЕСИНГ“ притоа откривајќи за целата таа своја борба на своите деца да им овозможи, заедно со сопругата Ања, среќно детство.

„Знаеш како, сфатив во животот една работа – дека родителите за своите деца ќе направат сè. Тука нема условно, ама баш ништо. Значи правиш сè за своите деца. Така и ние. Дефинитивно имало тешки моменти, многу и психички и физички исцрпувачки. Но, на крај како родител едноставно ги наоѓаш последните атоми од некои сили да бидеш тука со нив, едноставно да држиш здрав разум и да излезеш од тоа како победник. Во смисла, животот да продолжи да тече, да се најдеш себеси, но и да им го најдеш и на нив местото каде што тие ќе бидат најсреќни“.

Владо Илиевски, сепак, и со совет за сите родители кои имаат дечиња со посебни потреби и на кои треба максимално да им се посветат.

„Но секогаш кажувам, не смееш да заборавиш и на самиот себе, односно на нас како родители, затоа што ние сме тие кои што мора да бидат и здрави и способни, за да може секогаш да бидеме тука за нив. Дефинитивно, секогаш кога зборувам со родители со истиот проблем им давам поддршка, им пружам некоја и помош и совет, дека едноставно мора да гледаат прво на себе, бидејќи така единствено ќе може да им помогнат и на своите деца“ – вели македонската спортска легенда.

=================================================
ЦЕЛИОТ СПОРТСКИ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ СО ВЛАДО ИЛИЕВСКИ ГЛЕДАЈТЕ ГО ТУКА…

Се вчитува...