Во најновата епизода на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА.МК гостуваше едно од најголемото имиња на македонскиот спорт во историјата, Владо Илиевски.
Меѓу бројните теми на кои се разговараше, Илиевски говореше и за враќањето во националниот тим по бурни неколку години во кои, и единствен во историјата, доби казна од ФИБА, и како се врати во националниот дрес пред историското ЕП 2011 кога и го донесе најголемиот репрезентативен успех во историјата на Македонија.
„Нема да навлегуваме многу во детали, но само ќе кажам дека во 2009 и во 2010 година не настапував за репрезентацијата поради повреди. Во 2009 година ја оперирав ногата, имав огромни проблеми во текот на сезоната, притоа двапати имав и руптура на мускул…. И во 2010 година ги пропуштив квалификациите затоа што едноставно сезона со повреди, морав да се подготвам, а морав да го подготвам телото за следна сезона,што можеби за јавноста е нели неразбирливо, но јас самиот знам дека би си направил голем проблем за продолжување на кариерата. Што значи, дека никогаш не било до тоа дали раководството успеало да ме убеди. Нема тука убедување. Јас отсекогаш сум сакал да играм за Македонија, сум ги поминал сите млади селекции… И затоа не се поставува воопшто знак прашање дали Владо Илиевски ја сака Македонија или дали сакал да игра за Македонија“ – вели Илиевски.
Но, факт е дека некогаш и се носи револт поради одредени ситуации и состојби на домашната сцена…
„Тие исти луѓе, односно тие што беа на чело на федерацијата во тоа време пред ЕП 2011, се тие исти луѓе кои што ме натераа да платам казна, единствен во историја најверојатно на ФИБА. Не си стоеја и на зборот, па ја платив казната. Ама, да не одиме во детали. Значи, мене не ми сметало пак да се вратам, затоа што не се враќам за нив. Не сум се вратил за нив. Јас сум се вратил за Македонија, затоа што сум сакал да играм за Македонија, и тоа е тоа“ – вели Владо Илиевски и дополнува:
„И треба да се знае дека јас сум пораснал тука, значи, сум Македонец со тој македонски менталитет, на крајот на краиштата. И за мене постојат само добри и лоши луѓе. Барем јас така гледам на животот. Јас функционирам и со добрите и со лошите. Додека стварно не се премине некоја граница. Затоа викам, јас за тие исти луѓе што беа, значи без разлика, јас дојдов пак да играм за Македонија“.
=================================================
ЦЕЛИОТ СПОРТСКИ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ СО ВЛАДО ИЛИЕВСКИ ГЛЕДАЈТЕ ГО ТУКА…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

