ВЛАДО ИЛИЕВСКИ за новата функција: „Оптимист сум…, кoшарката е светски масовен спорт, а Македонија не е ништо поразлична!“ (ВИДЕО)

Во најновата епизода на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА.МК гостуваше дефинитивно едно од најголемите имиња во историјата на македонскиот спорт, Владо Илиевски.

Човекот кој ни го донесе и сигурно најголемиот успех на македонскиот екипен спорт, четвртото место од ЕП 2011 во Литванија, овој пат со нова функција се враќа во македонската кошарка како директор на националните селекции во КФСМ.

Меѓу бројните теми во „ПРЕСИНГ“, Владо Илиевски се осврна и на суштината на својата функција, и на целите за кои се враќа во македонската кошарка по разговор за негово вклучување со претседателот на КФСМ, Томица Главчев.

„Ќе се грижам за тој спортски дел во федерацијата. Значи, мои задачи ќе бидат поврзани со поставување на селекторите во сите национални селекции, да може што помасовно да ги приближиме дечињата и девојчињата до кошарката, затоа што така ќе може да се направи најдобра можна селекција, а од таа најдобра можна селекција секогаш излегува некој квалитет. Но, за тоа ни треба и стручен кадар, така што со омасовувањето на кошаркарскиот спорт ќе ни треба и многу поголем, многу подобар стручен кадар, којшто ќе се грижи за тие дечиња и девојчиња, за на крај да имаме резултат, и подобри играчи во тие сениорски национални селекции, коишто секако ‘влечни коњи’ на самиот спорт“ – вели Илиевски и дополнува:

„Процесот нема да биде лесен. Дефинитивно, ќе ни треба време. Но, јас сум голем оптимист дека отсекогаш сме имале дечиња и девојчиња коишто ја сакале кошарката, коишто ја играат кошарката, почнувајќи уште на улица. Кошарката е светски препознатлив спорт, масовен, и мислам дека Македонија не е ништо поразлична од целиот свет. Па затоа и мислам, во тој процес, дека можеме да очекуваме некои подобри резултати и подобра иднина“.

Илиевски се осврнува и на новиот селектор на Македонија, Хосеп Марија Берокал, кој треба да донесе шпански менталитет во нашата игра…

„Новиот селектор доаѓа од Шпанија. Знаеме дека Шпанија во последните 10-15 години навистина доминира со европскиот и со светскиот спорт. Во кошарката навистина направија голем исчекор после таа југословенска школа, којашто беше навистина и најпозната и најуспешна. А овој момент кога имаме човек од таму, ќе сакаме и мораме да го искористиме, да ни помогне во тој некој процес. Морам да кажам дека тој има работено и во таа школа на Хувентуд од Бадалона, којашто е многу позната, со многу истакнати играчи, не само од Шпанија, туку и од Европа и од светот. И наш пример е и Нено Димитријевиќ, нашиот најдобар сега македонски кошаркар, којшто излегол од таа школа. Така да, селекторот мора да го искористиме. Притоа и низ една линија – селекторот, помошниците негови и сите тие селектори кои што ќе бидат на млади репрезентации. Ќе се направи еден програм на работа. И секако дека тој програм нема да биде ист, затоа што сите старосни категории си бараат свои некои начини како се игра кошарка на 14, на 15, 16, 18 години, итн. Значи, сакаме да ја направиме таа пирамида којашто ќе води до самата сениорска селекција. Секако, притоа многу важна работа, луѓето кои што ќе бидат поставени, да имаат време, ресурси, да може тоа добро да го изработат. Не може да очекуваме, значи, од денес за утре огромни резултати. Односно, не може да биде еден неуспех причина да не веруваме во тој процес“ – вели Илиевски.


===========================================

ЦЕЛИОТ СПОРТСКИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ СО ВЛАДО ИЛИЕВСКИ ГЛЕДАЈТЕ ГО ТУКА…

Се вчитува...