Македонската одбојкарска репрезентација по пристигнувањето во Бари ја очекуваат два дена подготовка пред осминафиналниот натпревар со домаќинот Италија на Европското првенство 2023.
Македонија ја исполна целта со пласманот меѓу најдобрите 16 селекции на Стариот континент, но одбојкарите велат дека имаат мотив во себе да го прикажат најдоброто во еден спектакл во Бари во сабота од 18 часот.
„Се уште сме навистина возбудени со пласманот во елиминациската фаза на Европското првенство. За нас секако е успех местото во 16 најдобри во Европа. Сега не чека осминафиналето со Италија која е една од најдобрите светски селекции, го чекаме мечот со нетрпение затоа што овој натпревар треба да биде круна на нашите репрезентативни кариери“ – вели Владо Милев по пристигнувањето во Бари, и дополнува:
„Мислам дека не може којзнае што да очекуваме од мечот со Италија кој е и најголемиот фаворит за освојување на европската титула. Но, и нема што да загубиме. Затоа наше е да излеземе на терен, мотивацијата да биде на највисоко ниво кога се игра против еден ваков противник и да уживаме во мечот“.
Македонската селекција утре ќе го одработи и официјалниот тренинг пред дуелот со Италијанците кој е закажан за сабота од 18 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА