Владо Милев се повлече од претседателската функција во ОК Струмица

Едно од најголемите имиња на македонската одбојка, поранешниот репрезентативец Владо Милев одлучи да се повлече од претседателската функција на ОК Струмица.

Милев, како што информираат од ОК Струмица, одлучи да се повлече од клубот, и како претседател, и како играч, согласно неговите принципи и визија, прифаќајќи дека продолжувањето на соработката со дел од управата, со различни вредности и пристапи, не е во согласност со тие принципи.

„Одбојкарскиот клуб Струмица имаше чест и привилегија да биде воден од човек со исклучителен интегритет, визија и посветеност – Владо Милев. Репрезентативец на Македонија, дел од генерацијата која го оствари најголемиот успех во историјата на македонската одбојка, и потпретседател на Одбојкарската федерација на Македонија. Под негово водство, клубот секоја година е шампион во сите категории – пионери, кадети, младинци и сениори, постигнувајќи континуитет на успех што е реткост во спортот“ – се вели во соопштението од ОК Струмица во кое се дополнува:

„Владо го реализираше и еден од најголемите проекти во историјата на македонската одбојка – соработката со Јастребски Вегел, европски и полски шампион, проект кој ретко кој клуб може да го повтори. Благодарение на ова, младите играчи имаа можност да тренираат со врвни играчи, да видат како се игра во елитата, а тренерите на клубот добија едукација од највреднуваните тренери во светот, знаење кое веднаш го применуваа во клубот, со резултати во сите категории. Покрај тоа што беше претседател, Владо го водеше и тимот како главен играч, привлекувајќи и поддржувајќи врвни странски играчи кои придонесоа за развојот и нивото на клубот. Со својот труд, посветеност и професионализам, Владо создаде пример за сите – играчи, тренери и млади генерации. Покрај спортските успеси, Владо ја изгради препознатливоста на клубот преку меѓународни и еразмус проекти, создавајќи систем и визија кои го поставуваат клубот на европската карта. По внимателно размислување, Владо одлучи да се повлече од клубот – и како претседател, и како играч. Оваа одлука е направена во согласност со неговите принципи и визија, прифаќајќи дека продолжувањето на соработката со дел од управата, со различни вредности и пристапи, не е во согласност со тие принципи. Сè што Владо постигна со клубот е трајна вредност и сведоштво за трудот, посветеноста и интегритетот со кои го водеше клубот. Како клуб, изразуваме огромна благодарност за сè што направи – за играчите, за тренерите, за младите, за градот и за македонската одбојка. Владо Милев не само што ја создаде историјата на клубот – тој остави наследство кое ќе ги инспирира сите генерации што доаѓаат. Историјата секогаш памети кој создавал – и Владо заслужено го има своето место“.

Се вчитува...