Александар Влахо повторно се враќа на тренерската функција во Работнички.
Иако, изминатиов период се разгледуваше и можноста за заедничко водење на „романтичарите“ со прославениот поранешен тренер на Вардар, Гоце Седлоски, сепак Влахо ќе биде старо-новиот шеф на стручниот штаб на Работнички.
„Влахо е млад, квалитетен и мошне амбициозен тренер кој заслужува да добие нова шанса на клупата на Работнички. Раководството на клубот има максимална доверба во неговиот капацитет, тој и во претходниот престој покажа дека е голем работник и потполно се вклопува во стратегијата на клубот за форсирање млади и талентирани фудбалери. Тој многу добро ја знае атмосферата во Работнички и му посакуваме многу успех на кормилото на тимот“ – вели претседателот на клубот, Драган Поповски.
Александар Влахо, кој пред една година го водеше тимот од Дебар маало, на 8. јануари треба да ја изврши прозивката за стартот на зимските подготовки на тимот.
Како засилувања на Работнички за пролетниот дел од сезоната засега се спомнуваат Марјан Ристовски од Борец, како и Виктор Велковски од Вардар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

