Влаховиќ искрен: Не може да се виновни само тренерите на Јуве

Јувентус ја прекина серијата слаби резултати со триумфот на домашен терен над Удинезе, на првиот меч откако му беше врачен отказ на Игор Тудор. Хрватскиот стратег беше жестоко критикуван што не успеваше да го извлече максимумот од играчкиот кадар на „старата дама“, но голгетерот Душан Влаховиќ јасно стави до знаење дека вината за кризата на Јуве не смее да се бара само кај тренерите.

„Вистината е дека сменивме три тренери за една и пол година. Не може да се виновни само тренери, секој од нас треба да се погледне во огледало и да види што е направено погрешно. Според мене, никако не смее вината да се лоцира само на едно место, одговорноста е кај ситее нас. Важно беше да се слави против Удинезе за да испратиме позитивен сигнал, но ако не продолжиме во ист ритам на наредните средби, се ќе биде попусто. Треба помалку да зборуваме, а повеќе да покажуваме на теренот“, изјави Влаховиќ.

Воедно, Србинот јавно му се заблагодари на Игор Тудр за дадената поддршка во периодот кога Влаховиќ беше отпишан од многумина поради одбивањето да потпише нов договор со „старата дама“.

„Сакам да му се заблагодарам на Тудор за она што го стори за мене… знам дека даде се од себе за да му помогне на Јувентус, за жал не успеа, но искрено му посакувам многу среќа во идните ангажмани“, прокоментира Душан Влаховиќ.

Се вчитува...