Јувентус ја прекина серијата слаби резултати во Калчо-лигата триумфирајќи со 2-1 на домашен терен против Лече. „Старата дама“ повторно се мачеше да стигне до бодовите, а меѓу најзаслужните е голманот Шчесни, кој имаше неколку добри интервенции да ја сочува минималната предност во второто полувреме.
Паредес постигна прекрасен погодок од слободен удар за водство од 1-0, по што Лече успеа да израмни од пенал, откако Данило играше со рака во сопствениот шеснаесетник. Човек на одлука беше Душан Влаховиќ, кој по 11 натпревари пауза конечно стрелаше прецизно во Калчо-лигата, носејќи огромна победа на „старата дама“.
Аталанта останува во игра за четвртото место откако тимот од Бергамо забележа победа на домашен терен над Специја од 3-2. Гостите први поведоа, но Аталанта направи целосен пресврт и преку Де Рон, Запакоста и Муриел стигна до значајни бодови во битката за излез во фудбалска Европа.
Кризата на Сампдорија се продлабочи со новиот домашен пораз, од 0-2 од Торино, а интересно беше на дуелот Салернитана – Фиорентина на кој Диа постигна хет-трик за домаќините, кои сепак не можат да стигнат до цел плен ремизирајќи 3-3.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА