Влаховиќ на трансфер-листа: Јуве го продава за да донесе двајца нови напаѓачи

Душан Влаховиќ не блескаше ниту кај Масимилијано Алегри, а слабата форма на српскиот голгетер под водство на Тијаго Мота само го забрза процесот на заминување на овој фудбалер од Јувентус.

Преговорите за нов договор веќе подолго време не носат напредок, Влаховиќ не прикажува партии достојни за најплатениот фудбалер во цела Серија А, а во ситуација кога актуелниот договор му истекува во јуни 2026, челниците на Јуве решија уште во јануарскиот преоден рок да го стават на трансфер-листа.

„Старата дама“ плати 80 милиони евра за да го доведе Србинот од Фиорентина и на сите им е веќе јасно дека „црно-белите“ нема да можат да си ја вратат оваа инвестиција. Последните информации говорат дека цената на Влаховиќ е спуштена на 50 милиони евра, во страв дека неговата вредност би продолжила да паѓа како што ќе одминува времето, поради променливите игри, но и фактот дека летово ќе влезе во последната година од договорот со Јуве.

Арсенал и ПСЖ веќе подолго време ги следат настапите на овој фудбалер и се очекува да се вклучат во трката, а понуда би можел да испрати и Манчестер Јунајтед, ако се знае дека Аморим инсистира на доаѓање на нов голгетер во јануарскиот преоден рок.

Планот на Јуве е Влаховиќ да биде продаден во јануари и потоа парите да бидат искористени за двајца нови напаѓачи. Еден од нив сигурно ќе биде Џошуа Циркзе, Холанѓанецот кој е на излезна врата од Манчестер Јунајтед и на чие доаѓање инсистира тренерот Мота. Втора опција е Коло Муани, кој е достапен на 18-месечна позајмица од ПСЖ, но и Нкунку, кој е незадоволен од статусот што го има во Челси.

Се вчитува...