Влаховиќ огорчен од односот на Јувентус

Најавената размена на фудбалери помеѓу Челси и Јувентус во која во правец кон Лондон се очекува да замине Душан Влаховиќ, а назад кон Италија, но овој пат во редовите на „старата дама“ Ромелу Лукаку изразила големо незадоволство кај српскиот репрезентативец, пренесуваат италијанските медиуми.

Србинот е огорчен од тоа како италијанскиот клуб се однесува кон него, како и незадоволен од односот на тренерот Масимилијано Алегри кој не застана во неговата одбрана и даде „дипломатска“ изјава во однос на можниот трансфер.

„Среќен сум со играчите кои ги имаме, но кога постојат понуди кои се невозможни да ги одбиете со оглед на финансиската ситуација морате да реагирате. Ќе се прилагодам со изборот на клубот како и до сега“, изјави Алегри.

Влаховиќ го засили Јувентус во 2022 година од редовите на Фиорентина во трансфер вреден 82 милиони евра. Досега настапи на 63 натпревари на кои постигна 23 голови.

Се вчитува...