Душан Влаховиќ се врати на тренинзите на Фиорентина и ќе биде главен адут на „виолетовите“ во утрешната битка со Венеција. Во меѓувреме, тој ги разгледува и понудите за продолжување на кариерата по најавите дека на крајот од сезонава ќе биде продаден, а српскиот голгетер според последните информации се подготвува да ги разочара фановите на „виола“ и да се пресели кај омразениот ривал Јувентус.
Фиорентина и Јуве низ годините создадоа огромна ривалство, а ситуацијата дополнително се влоши во 1990 година, кога Роберто Баџо си замина од Фиренца и од сите понуди што ги имаше на маса ја избра токму онаа на „црно-белите“ од Торино. Италијанските медиуми тврдат дека по неговите стапки ќе тргне и Влаховиќ, кој веќе донел одлуката понудата од Јувентус да му биде во преден план при изборот на нов клуб.
Тој е желба и на Атлетико Мадрид и на неколку англиски премиерлигаши, но Србинот сака да остане на Апенинскиот полуостров, и тоа како член на најтрофејниот италијански клуб. Јуве е во потрага по класичен напаѓач, Павел Недвед веќе стапил во контакт со неговиот агент, при што и двете страни покажале сериозна желба за соработка.
Потешкиот дел од задачата ќе биде да се најде заеднички јазик со претседателот на Фиорентина, Комисо, за кого никој не знае колкава сума ќе бара како отштета за својот најдобар фудбалер. Во прилог оди фактот дека Влаховиќ во јули 2022 ќе има само уште една година од договорот со Фиорентина, па Комисо не би требало да оди со глава во ѕид и да ризикува тој наредното лето да си замине без никаква отштета од клубот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА