Влаховиќ сака само во Милан, но на „росонерите“ не им се брза…

Јувентус се соочува со огромен проблем околу Душан Влаховиќ, откако стана јасно дека српскиот ас нема намера да потпише нов договор, но продажбата се компликува бидејќи поради неговите слаби партии минатата сезона интересот е сведен на минимум. Србинот ги одби Фенербахче и клубовите од Саудиска Арабија, а последните информации говорат дека Влаховиќ би сакал кариерата да ја продолжи во дресот на Милан.

Неговиот агент веќе имал средба со претставници на „росонерите“, кај кои постои интерес да го доведат токму овој фудбалер како засилување за навалната линија. Сепак, челниците на Милан не брзаат со понудата во обид уште повеќе да ја спуштат цената на голгетерот кој ќе остане запаметен како супер-промашување на Јувентус по платените 80 милиони евра на Фиорентина.

Јувентус од 30 милиони евра ја спушти цената на 20 милиони, свесни дека Влаховиќ следното лето би си заминал без никаква отштета. Згора на тоа, на Јуве му се брза за да ослободи место во буџетот за плати и да го откупи Коло Муани од ПСЖ, па токму затоа челниците на Милан тактизираат, воопшто не испраќајќи понуда за српскиот репрезентативец. Информациите од Италија говорат дека „росонерите“ ќе понудат само 15 милиони евра, сума за која се оптимисти дека ќе им биде доволна за да го осигураат потписот на овој голгетер.

Останува да ја сочекаме разврската од овој трансфер,  но едно е и повеќе од јасно – за Душан Влаховиќ веќе нема иднина во Јувентус.

Се вчитува...