Селекторот на полската фудбалска репрезентација, Михал Пробиерж, поднесе оставка два дена по поразот од Финска во квалификациите за Светското првенство.
Негативниот резултат во Хелсинки беше врв на неколкуте турбулентни денови во таборот на полската репрезентација, која беше сериозно потресена од конфликтот меѓу Роберт Левандовски и Михал Пробиерж.
Најдобриот играч на тимот, лидер, легенда и рекордер рече дека нема да игра за репрезентацијата сè додека ја води Пробиерж, револтиран затоа што му беше одземена капитенската лента со одлука на селекторите и соблекувалната.
Пред сето тоа, Левандовски не се појави на собирот на репрезентацијата во тренинг кампот пред пријателскиот натпревар со Молдавија, наводно немал дозвола за тоа, и оттогаш почнаа проблемите.
Поразот во Финска, каде што навивачите се свртеа и против селекторот, го принуди Пробиерж да поднесе оставка.
„Дојдов до заклучок дека во сегашната ситуација, заради националниот тим, најдобро е да поднесам оставка од функцијата селектор. За мене, престојот на оваа позиција беше остварување на животен и професионален сон, најголема гордост“ – рече сега веќе поранешниот селектор на Полјаците.
Во група со Финска, Холандија, Литванија и Малта, Полска има шест бода од три натпревари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

